Моќта на лененото семе

Лененото семе е многу популарно во последно време. Првите докази кои укажуваат на култивација на оваа култура датираат од 3000 г. п.н.е. Во древен Вавилон се верувало дека лененото семе е магично. Денес знаеме дека не е чудесно и не лекува сѐ, но постојат докази дека има моќни лековити својства и го намалува ризикот за појава на одредени здравствени проблеми.
Како лененото семе влијае врз здравјето?

Лененото семе содржи многу компоненти кои позитивно влијаат врз здравјето, меѓу кои омега 3 масни киселини, лигнани и растителни влакна.

Омега 3 масните киселини го заштитуваат кардиоваскуларниот систем – го намалуваат нивото на триглицеридите во крвта, го намалуваат таложењето на масти во крвните садови и го стабилизираат ритамот на срцето. Помагаат и во намалувањето на ризикот од појава на депресија, деменција и артритис.

Лигнаните се антиоксиданти – го намалуваат ризикот од појава на срцеви заболувања, атеросклероза, Алцхајмерова и Паркинсонова болест и други хронични болести. Го регулираат холестеролот со зголемување на добриот и намалување на лошиот холестерол и го намалуваат крвниот притисок.

Растителните влакна ја подобруваат работата на дигестивниот систем. Храната богата со растителни влакна се препорачува во сите режими на исхрана. Го подобруваат имунитетот, го забрзуваат метаболизмот, овозможуваат побрза дигестија и помагаат за одржување на витка линија.

Истражувањата покажуваат дека лененото семе помага и при регулирање на дијабетесот. Претставува богат извор на магнезиум, железо, селен и цинк и штити од остеопороза, а кај жените ги ублажува симптомите на ПМС и менопауза. 

Како да вклучите ленено семе во исхраната?

Лененото семе лесно може да се додаде во сите оброци. Се препорачува да се консумира сомелено, за максимално искористување на сите хранливи состојки.

Кога семето е цело, не сомелено, може да се чува на собна температура, а сомеленото е подобро да се чува на ладно место, за зачувување на свежината.