Сончоглед

Семки од сончоглед – Вкусна ужина која го заштитува организмот

Барате здрава ужина која ќе ве засити? Знаете ли дека семките од сончоглед не се само вкусни, туку и богати со витамини и минерали и го заштитуваат организмот?

Сончогледот е едногодишно растение кое може да порасне до 3 метри во висина. Има големи срцелики листови и цветови кои може да бидат со дијаметар до 30 cm. Ова растение потекнува од Мексико, а во Европа е донесено во 16 век. Денес е достапно насекаде и се користи за повеќе намени.

Нас не интересира семето од сончоглед на кое ретко кој може да одолее. Зошто е здраво да се консумираат семките од сончоглед?
Извор на енергија

Семките од сончоглед се богати со енергија – 100 грама семе содржи околу 580 калории. Голем дел од калориите се масни киселини. Богати се со линолеична киселина која е корисна за намалување на „лошиот холестерол“ и поттикнување на „добриот холестерол“ во крвта.

Извор на нутритивни материи

Сончогледот содржи витамини и минерали кои се добри за организмот. Во својот состав ги има витамините Б1, Б3, Е и бета каротин, и минералите магнезиум, бакар, цинк, селен, манган, калциум, фосфор, натриум, калиум и железо.

Содржи и природни антиоксиданти, како соединенија на полифенол и хлорогенична киселина, кои помагаат да се отстранат штетните материи од организмот.

Овие нутритивни материи помагаат во одржување на здравјето на коските и ги намалуваат болките во мускулите. Го забрзуваат метаболизмот и варењето на храната. Влијаат позитивно на целиот организам и го намалуваат стареењето на кожата.

Извор на протеини и аминокиселини

Само 100 грама семе обезбедува околу 21 грам протеини кои се изградени од есенцијални аминокиселини. Тритофанот е една од аминокиселините кои ги содржи, а е од големо значење за правилен раст и развој на организмот, посебно кај децата.

Како може да се консумира семето од сончоглед?

На секаков начин! Печени, непечени, солени, несолени, како грицки, во салати, сендвичи, готвени јадења, при подготовка на леб, во комбинација со други семиња, дури и како намаз.

Само запомнете дека треба да се чува на суво и темно место, за да не се расипе. Се разбира, внимавајте и да не претерате со консумација бидејќи содржи многу калории, а и сѐ што е претерано не е здраво.